Atlas Plus

НЕАПОЛ и СОРЕНТО

НЕАПОЛ и СОРЕНТО

Неапол не е обичен град, туку титан израснат, слој по слој, низ Грчката, Римската, средновековната, Барокната ера, чија историја не се чува зад стакло, туку се живее, гласно, на улиците.

Со малку љубопитност, безгрижност, успореност и неформалност, лесно ќе се интегрираме во амбиентот на градот кој никогаш не шепоти, туку пее.

Ова патување ќе ве одведе и на Амалфи брегот; совршениот пејзаж на Тиренското Море претворен во мајсторство на елегантното и лежерно живеење. Ова ремек дело на природата, рафинирано низ векови на култура, го „Одзема здивот“ за потоа, спокојно да ве врати во реалноста.

Една поинаква приказна ...

Состанок на групата на Аеродромот во Скопје во 15:00 часот. Полетување за Неапол во 16:30 и слетување во 18:10 часот. Организиран трансфер до хотелот и сместување. Слободно време за вечера; ред е оваа посета да започне со вкусување на едно од најомилените италијански јадења, неаполската пица… Ноќевање.

Појадок. Нашата програма ќе ве поведе во самата душа на Неапол, историското јадро, едно од најстарите континуирано населени места во светот: Плоштадот Данте, плоштадот Белини, Via dei trinunali, Via dei Presepi… Ќе ја доживеете префинетата елеганција на архитектурата од неговите кралски денови и монументалноста на развојот од 19тиот Век, Кралската палата, Плоштадот, Plebiscito, Castel Nuovo, Галеријата Умберто Први, a ќе ве поведеме и во внатрешноста на наполитанската гордост, операта Сан Карло, најстарата активна оперска куќа во светот. Ќе обезбедиме и можност за влез во мистериозниот музеј Сан Северо каде се наоѓа една од најспектакуларните барокни скултури, Christo velato, на меѓата меѓу алхемиско чудо и уметничко ремек дело.

Неапол се врежува во душата, но со малку гастрономски хедонизам и доволно апетит, засекогаш ќе се вреже и во вашите сетилата за вкус и мирис. Овде гастрономското доживување е врвно, а за секој џеб. Домот на италијанската пица, ќе понуди и Parmigiana di melanzane (печени модри домати, со сос од домати, моцарела и пармезан), Ziti al ragu Napoletano (јуфки со наполитански рагу сос), Spaghetti alle Vongole (Шпагети со школки и сос од лук и магдонос), Наполитански фишек полн со крцкаци пржени морски плодови и/или пржен зеленчук, пржена пица, а за десерт Sfogliatella со слатко рикота сирење, Baba al rum со лимонечо и горко наполитанско кафе. Слободно време за вечера и шопинг. Ноќевање.

Појадок. Патувањето продолжува на југ, покрај вулканот Везув кој доминира над целиот Неаполски залив, на височина од 1.120 метри до првата станица за овој ден, локалитетот Помпеја. Ова археолошко наоѓалиште од највисока категорија, претставува град од римската ера сочуван на единствен начин и „замрзнат“ во времето, од вулканска ерупција на Везув во 79 година од нашата ера. Помпеја нуди неспоредлив прозорец во секојдневниот живот, уметност и архитектура на античкиот свет со нашата прошетка со стручен локален водич низ античките храмови и форуми. Продолжуваме кон Соренто каде се пристигнува во доцните попладневни часови. Преквечерието е идеално време за прошетка низ градот на лимоните кој шармира со своето мало историско јадро; главниот плоштад Тасо и Народната вила со прекрасната градина, тесни улички и дискретни кафулиња, ресторани и дуќани со сувенири и производи од кожа. Слободно време за уживање во италијанските специјалитети; тука задолжително мора да се вкусат бројни гастрономски делиции од лимон, на чело со ликерот Limoncello. Не случајно ова патување го закажавме за мај, во зенитот на цутот на лимоните и портокалите, токму нивниот опоен мирис и единствениот поглед на зајдисонцето се магнет за туристите од целиот свет. Интимноста на Соренто и неговите градини, ќе ве опуштат за нови доживувања. Ноќевање.

Појадок. Се упатуваме кон најрепрезентативниот дел на Италијанската ривиера, Амалфи брегот со познатите бисери Позитано и Амалфи.  Прошетката се одвива по спектакуларното крајбрежје со остри ридови, необична вегетација, мали рибарски места и сликовити градови. Возењето по тесните патишта над карпите кои драматично се нурнуваат во синилото на Тиренското Море, на секоја кривина отвара нова глетка на совршената убавина на најпознатите разгледници од тиренскиот брег. Позитано, со неговите каскадни тераси со градини и луксузни вили е мал бисер на италијанскиот луксуз и задолжителна станица за љубопитното око. А самото гратче Амалфи, некогашна моќна поморска сила, како стара амајлија чувана со векови, воодушевува со својата катедрала. Излетот овозможува доволно слободно време за уживање во крајоликот и впивање на медитеранскиот дух и специфичната лековитост на оваа воздушна бања. Враќање во хотелот во Соренто во вечерните часови. Ноќевање.

Појадок. Целодневниот излет до монденското место започнува во утринските часови од пристаништето Marina Piccola. По половина час пловидба со хидроглисер по Неаполскиот залив покрај брегот на Соренто, се пристигнува на Капри, најпознатиот остров на Медитеранот и симбол на ексклузивниот живот на светската елита. Оваа мала копнена површина, долга седум, а широка три километри е некогашна резиденција на императори и засолниште на многу познати сликари и писатели, а, денес е елитно летувалиште со многубројни гламурозни излози на најпознатите светски модни креатори. Слободно време за уживање до попладневното враќање во Соренто. Ноќевање.

Појадок. Слободно време за уживање покрај море во Соренто. Организиран трансфер до Аеродромот во Неапол. Полетување во Скопје во 18:45 часот и пристигнување во 20:15 часот.

  • Авионски превоз на релација Скопје-Неапол-Скопје со вклучени аеродромски такси
  • Рачен багаж (1 торба/куфер со димензии 40х30х20cm)
  • Сместување во Хотел Metro900 4* во Неапол на база 2 ноќевања со појадок https://www.metro900hotel.com/en/
  • Сместување во Хотел La Pergola 4* во Соренто на база 3 ноќевања со појадок https://www.lapergolahotel.it/en/
  • Организирани трансфери според програмата
  • Прошетки во Неапол, посета на Помпеја со вклучена влезница, прошетки во Соренто,
  • посета на Позитано и Амалфи и целодневен излет до Капри  
  • Организација на аранжманот и придружник на патувањето
  • Доплата за уште 1 торба/куфер за рачен багаж со димензии 55х40х23cm (до 10kg)
  • Доплата за куфер за чекирање со максимум 10kg или 20kg
  • Доплата за еднокреветна соба
  • Туристичка такса (се плаќа во хотелите на рецепција)
  • Kарти за локален превоз (метро)
  • Патничко – здравствено осигурување

НАПОМЕНИ:

  • За реализација на аранжманот потребен е минимум од 21 патници
  • За овој аранжман важат Опшите услови за патување на СКТМ
  • Цените се дадени во евра, уплата се врши во денарска противвредност по курс 1 евро = 62 денари
  • Пасошот треба да важи минимум 3 месеци по завршувањето на патувањето

Имате прашања? Контактирајте не веднаш