Atlas Plus

PREMIUM ГАЛИЦИЈА

PREMIUM ГАЛИЦИЈА

Шпанија и Португалија се земји на илјада прекрасни плажи, сини брегови на Атлантскиот Океан и Средоземното Море, високи врвови на Пиринејската Кордилера и пред сè, пријатни и гостопримливи домаќини. Богата историја, културни споменици, зачувани средновековни градови од листата на светското културно наследство, богати традиции, специфичности и контрасти ги прават овие две земји неодоливи и неизбежни на патеката на светските патници.

Галиција е шпанска провинција во крајниот десен агол на Пиринејскиот полуостров. Таа се граничи со Португалија со која ги дели нескротливите и романтични брегови на Атлантикот, како и богатата историја која започнува со Келтите. Шпанците ја нарекуваат "земјата на илјада реки" кои се влеваат во Атлантскиот Океан, формирајќи карактеристични заливи наречени "риас". Галиција е исполнета со разновидна и богата историја.

Португалија го дели Пиринејскиот Полуостров со Шпанија и се протега долж брегот на Атлантскиот Океан. Бројни ридови, покриени со бујна вегетација, симпатични села и мистичниот амбиент на Брага и Гимараеш, се дел од северниот регион по кој земјата е именувана. Градот Порто, економскиот центар на Португалија се наоѓа на бреговите на реката Дуро. Панорамата на градот се состои од стари населби кои се поставени скалесто на карпа која се протега низ текот на реката. По должината на брегот се наоѓа една од најубавите населби во Португалија - Рибеира, која е целосно заштитена од УНЕСКО како светското културно наследство.

Состанок на групата на Аеродромот во Скопје во 07:15 часот. Полетување за Истанбул во 08:45 и пристигнување во 11:20 часот. Полетување во 12:45 и пристигнување во Порто во 15:35 часот. Трансфер до Сантијаго де Компостела, најзападниот град на Шпанија и сместување во хотелот (околу 200 километри). Попладневна прошетка низ градот со средновековни квартови и тесни улички кои се преплетуваат со симпатични плоштади, со градби во барокни и неокласични градби. Во Галиција гастрономијата е уметност. Во Сантијаго де Компостела има голем број ресторани, барови и таверни.  Можност да се вкусат регионалните специјалитети особено говедско месо,  риба и разновидна морска храна. Ноќевање.

Појадок. Сантијаго де Компостела e главен град на шпанскиот автономен регион Галиција и од 1985 година се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Посета на монументалната Катедрала изградена меѓу 11 и 13 Век во романски стил. Западната фасада во барок стил, додадена дополнително на средновековната градба, претставува симбол на градот, а со соседниот плоштад Плаза дел Обрадоиро се создава хармонична амбиентална целина. Прошетката продолжува по стариот дел на градот, каде секој ден се одржува пазар на локалните прехранбени производи, Плоштадот Кинтана,  барокната Палата на Градското Собрание, каде многу шпански писатели наоѓале место за инспирација за своите дела. Во Сантијаго има многу музеи и еден од најстарите универзитети, но и многу пријатни кафулиња, традиционални и современи ресторани специјализирани за галициските специјалитети со прекрасни локални вина. Ноќевање.

Појадок. Посета на Ла Коруња, вториот град по големина во Галиција, лоциран на брегот на природен залив кој е широк 3 километри, оддалечен од Сантиаго Де Компостела околу 60 километри. Ла Коруња е најбогатиот град во Галиција, благодарение на  економскиот бум во 1975 година кога е основана модната компанија Зара. Како и кај повеќето градови во Галиција, најинтересен е ,,Cidade Vella’’ стариот дел на градот, со градби од средниот век. Посета на Херкулес кулата која претставува Светилник, најстариот Светилник во светот кој е сеуште во употреба со восхитувачки поглед кон брегот и морето. Панорамски разглед на Аквариумот, Плажите Орсан и Риасор кои со високите бранови се привлечни за сурферите, 6 километри долгото шеталиште ,,Paseo Maritimo’’, Националниот музеј за Наука и Технологија, архитектонското чудо и атракција на градот фудбалскиот стадион ,,Riasor’’, Плоштадот Марија Пита, Градското собрание, згради со стаклени тераси кои се симбол на градот… Враќање во Сантијаго де Компостела во попладневните часови. Слободно време за индивидуални прошетки и вкусување на познатата Сантијаго торта. Ноќевање.

Појадок. Поаѓање кон Португалската граница долж неверојатниот Атлантски брег на Галиција, со  карактеристчни заливи кои настануваат на местото каде реката се влева во морето и формира широки и долги ,,риас’’ заливи опкружени со острови. Најмногу прекрасни брегови и заливи се наоѓаат на патот од Сантијаго де Компостела до Виго и се познати како Риас Бахас. Пристигнување во Вилагарсија де Аруса, на бреговите на реката Аруса, регион со прекрасни плажи, живописни места, бујно зеленило, бројни лозја и винарски визби. Особено се издвојува Албарињо, едно од најдобрите бели вина во светот. Прошетка низ живописниот град Камбадос кој се наоѓа во најширокиот Галициски залив, со бројни благородни палати, плоштади, улички со калдрма, музеи… Патувањето продолжува до блискиот главен град на провинцијата Понтеведра и истоимениот град. Разглед на градот со Плоштадот Плаза де Еспања, Градското собрание, Аламеда широката авенија долж која се протегаат градби кои се во контраст со средновековните остатоци на манастирот Санто Доминго како национален споменик… Посета на Виго, најголемиот и најгусто населен град во Галиција, лоциран на заливот со најголемото пристаниште во Галиција. Прошетка по плоштадот Plaza de la Constitución, по мрежата од мали улички кои водат до пазарот на Педра, место каде се продаваат вкусните галициски остриги. Патувањето продолжува кон Порто, еден од најстарите градови на Пиринејскиот полуостров по кој Португалија го добило своето име. Сместување во хотелот. Ноќевање.

Појадок. Разглед на стариот дел од Порто: Катедралата, железничката станица Сао Бенто изградена во стилот на француската ренесанса, Плоштадот Слобода, Авенијата Алиадос, Универзитетот, Кулата Клеригос, Берзата, Црквата на Свети Франциско со позлатени барокни резби… Порто е нераскинливо поврзан со реката Дуоро, каде се наоѓа впечатливиот мост Дон Луис, изграден од ученикот на познатиот Ајфел. Прошетката продолжува преку мостот до градот Вила Нова де Гаја кој изобилува со вински подруми. Можност за дегустација на локалните вина, од категоријата на најдобри европски вина, кои ги прославија Порто и долината на реката Дуоро со своите лозја и винарските визби. Препорачуваме крстарење по реката Дуоро и прошетка по познатата пешачка улица Rua das Flores. Ноќевање.

Појадок. Препорачуваме факултативна прошетка до Брага и Гимараеш. Брага е најстариот град во Португалија, познат како “Португалски Рим”, најважниот центар на барокната уметност во регионот. Во средниот век се натпреварувале со Сантијаго де Компостела по својата значајност и карактер. Панорамски разглед на градот, најстарата катедрала во Португалија, изградена во 12 Век, прошетка по улиците и плоштадите каде што има палати како палата Raio и театарот Цирко. Прошетка до ридот над Брага, до светилиштето Bom Jesus, каде има прекрасен поглед на градот. Посета на Гимараеш, лулката на португалската нација и прва престолнина на кралството прогласено во 1143 год. Прошетка низ добро сочуваниот средновековен центар со бројни готски палати, традиционални куќи и плоштади… Враќање во Порто во вечерните часови. Ноќевање.

Појадок. Организиран трансфер до Аеродромот во Порто. Полетување за Истанбул во 10:45 часот. Пристигнување во Истанбул во 17:25 и полетување за Скопје во 18:50 (локално време). Слетување во Скопје во 19:20 часот.

  • Повратен авионски превоз на релацијата Скопје-Истанбул-Порто–Истанбул-Скопје
  • со вклучени аеродромски такси
  • Багаж за чекирање до 20 kg и Рачен багаж (ташна и 1 торба до 8 kg)
  • Трансфер од аеродромот во Порто до хотелот во Сантијаго Де Компостела
  • Трансфер од хотелот во Сантијаго Де Компостела до хотелот во Порто
  • Трансфер од хотелот до аеродромот во Порто
  • 3 ноќевања со појадок во Хотел Eurostars Araguaney 5* во центарот на Сантијаго Де Компостела https://www.eurostarshotels.co.uk/eurostars-araguaney.html
  • 3 ноќевања со појадок во Хотел Stay Hotel Porto Centro Trindade 3* во центарот на Порто https://www.stayhotels.pt/stayhotelportocentrotrindade/en/
  • Разгледи и прошетки според програмата
  • Организација на аранжманот и придружник на патувањето
  • Брага и Гимараеш 60 Евра
  • Влезници во локалитетите, карти за локален превоз
  • Патничко – здравствено осигурување
  • За реализација на аранжманот е потребен минимум од 21 патници
  • Цените се дадени во евра, уплата се врши во денарска противвредност по курс 1евро = 62 денари
  • Пасошот треба да важи минимум 6 месеци по завршувањето на патувањето                                

Имате прашања? Контактирајте не веднаш