Atlas Plus

РИМ И УМБРИЈА
Зеленото срце на Италија
ПЕРУЏА, АСИСИ, СПЕЛО, ОРВИЈЕТО

24 Мај | Авион | 5 дена | Комплетна програма

Сместена меѓу Рим и Фиренца, Умбрија, зеленото срце на Италија, нуди автентично доживување на вистинската италијанска култура, далеку од туристичкиот метеж и забрзаниот ритам.

Ве очекуваат безвременски градови кои се издигнуваат над умбриските ридови, слоевито облагородени со остатоци од етрурската култура, римски патишта и вили, средновековни ѕидини и манастири, како и беспрекорна ренесансна уметност. Овој регион, ненаметливо и искрено, ви овозможува да уживате во со векови непроменетата умбриска гастрономија: локалното маслиново масло, месо, сушени месни производи и житарки, сè ароматизирано со умбриски тартуф и залеано со нивните карактерни вина. И сето тоа, во бавното темпо на италијанската уметност на уживање во едноставните убавини.

Состанок  на групата на Аеродромот во Скопје во 14:00 часот. Полетување за Рим во 15:30 и пристигнување во 17:15 часот. Организиран трансфер од Аеродромот до хотелот во Перуџа.  Ноќевање.

Појадок. Прошетка низ Перуџа, центарот на Умбрија, која со својата префинетост ќе ве воведе во карактерот и историјата на регионот. Опкружена со средновековни ѕидини и крунисана со елегантни палати, Перуџа нуди и прекрасни тераси со величествени погледи кон бескрајните зелени ридови и лозја на Умбрија. Но, градот се открива и под земја каде што се крие цел подземен свет; сведоштво за длабокото етрурско наследство. Корзо Vanucci, централната оска на градот, накитен со ренесансни и готички палати, Rocca Paolina, подземниот замок на Папата Паоло Трети, Fontana Maggiore, ремек делото на средновековната скулптура и симболизам, катедралата San Lorenzo, Arco Etrusco, се само дел од местата кои ќе се посетат во нашата прошетка. Попладнето е слободно за индивидуални прошетки и можност овој град на најпознатите италијански чоколадни бонбони „Baci Perugina“, да ве освои и со интимни вински барови и семејни тратории и остерии, каде ќе ги откриете локалните „strangozzi“ со виното „Sagrantino di Montefalco“. Ноќевање.

Појадок. Патување до познатото место Асизи, духовниот бисер на Умбрија. Сместен на падините на Монте Субасио и родното место на Свети Франциск Асишки, градот е значаен со својата приказна, понизноста и светоста на францисканскиот дух. Неговата базилика, San Francesco d’Assisi која е дел од светското културно наследство на УНЕСКО, претставува сликарски вовед во италијанската ренесанса преку славните фреско-циклуси на Џото и Чимабуе, фокусот на нашата посета на градот.  Со прошетка низ тесните средновековни учички, плоштадот Piazza del Comune, црквите Santa Maria Sopra Minerva, која во својата архитектура го инкорпорира храмот на Минерва од римско време, Santa Chiara, Santa Maria Maggiore, ќе ја заокружиме нашата посета на Асизи.

Излетот продолжува во селото Спело, закитено со титулата „Најубаво село на Италија“ како совршена спојка на култура и природа. Римски мозаици, ренесансна уметност и мирни улички исполнети со цвеќиња, опкружени со живописни лозја, го исполнуваат ова ненаметливо и автентично италијанско искуство. Можност да се организира посета на винарија со дегустација на вино, маслиново масло и balsamico од регионот. Враќање во хотелот во вечерните часови. Ноќевање.

Појадок. Посета на Орвијето, највпечатливата разгледница на Умбрија, која драматично се издигнува над умбријските долини, како извајана од вулканска карпа. Градот фасцинира со својата катедрала, ремек-дело на готската архитектура со богато декорирана фасада и блескава внатрешност. Под неговите улици и видиковци се крие подземен свет создаван илјадници години, составен од над 1.200 поврзани пештери и тунели. Зачуваните преси за маслинки, гулабници, тајни патеки за бегство и стари работилници сведочат за богатата етрурска, римска и средновековна историја. А сето тоа е надополнето со шармот на занаетчиските дуќанчиња и чашата орвието класико. Нашата прошетка ќе ни овозможи да уживаме во шармот на улиците и плоштадите на Орвијето и се разбира, уметничката мајсторија на една од најживописните фасади на катедралата на Орвијето. Препорачуваме факултативна посета на внатрешноста на катедралата каде блеска ремек делото, циклусот на фрески на мајсторот на раната ренесанса, Лука Сињорели. Во слободното време да не се заборави да се вкуси и домашна паста со рагу од дива свиња или аперитиво со бело вино и избор на локални сирења. Враќање во хотелот во вечерните часови. Ноќевање.

Појадок. Организиран трансфер до Рим.

За тие кои го имаат посетено Вечниот град, ова е можност да ја добијат „задолжителната, редовна доза“ на Рим, како потсетник за величественоста и раскошот на неговите наслоени историски и уметнички убавини, или само да уживаат во необавезна, лежерна прошетка. За тие кои го посетуваат прв пат, ова е можност за интегриран вовед во најубавиот град на светот и увид во тоа што ги очекува во наредно, неодложно патување посветено целосно на овој град. Предвиден е пешачки разглед на Антички Рим со Колосеумот, римските форуми, плоштадот Венеција, Навона, Пантеон, Фонтана ди Треви и Шпанските скали. Трансфер до Аеродромот во Рим. Полетување за Скопје во 22:25 и пристигнување во 00:10 часот.

  • Авионски превоз на релација Скопје-Рим-Скопје
  • Рачен багаж (1 торба/куфер со димензии 40х30х20cm до 10kg)
  • Организирани трансфери според програмата
  • Сместување во Хотел Giò Wine e Jazz Area 4* во Перуџа на база 4 ноќевања со појадок https://www.hotelgio.it/en/
  • Организирани разгледи и прошетки според програмата
  • Организација на аранжманот и придружник на патувањето
  • Доплата за уште 1 торба/куфер за рачен багаж со димензии 55х40х23cm (со максимум 10kg)
  • Доплата за куфер за чекирање (со максимум 10kg или 20kg)
  • Туристичка такса (се плаќа во хотелот на рецепција)
  • Влезници во локалитетите, карти за локален превоз
  • Патничко – здравствено осигурување
  • За овој аранжман важат Општите услови за патување на СКТМ
  • За реализација на аранжманот потребен е минимум од 21 патници
  • Цените се дадени во евра, уплата се врши исклучиво во денарска противвредност по курс 1 евро = 62 денари
  • Пасошот треба да важи минимум 3 месеци по завршувањето на патувањето

ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ НА